Apple работи на поправка на грешките кај софтверот по извештаите дека некои од новите модели на iPhone 15 се прегреваат.
Компанијата изјави дека тековните проблеми со прегревање не претставуваат безбедносен ризик и нема да влијаат на долгорочните перформанси на моделите на iPhone. Исто така, се нагласува дека iPhone-ите имаат внатрешна заштита за компонентите кои помагаат во регулирањето на температурата доколку таа стане премногу висока.
Apple, исто така, изјави дека има неколку околности што предизвикуваат загревање на неговата нова серија. Поплаките од корисниците почнаа откако најновите iPhone уреди се појавија во продавниците на 22 септември.
„Идентификувавме неколку услови кои можат да предизвикаат iPhone да работи на повисока температура од очекуваното“, изјави Apple.
Можно е да дојде до прегревање со некои неодамна ажурирани апликации, што ќе предизвика нивно „преоптоварување на системот“, велат од компанијата. Овие апликации ги вклучуваат Instagram, Uber и аркадна тркачка игра Asphalt 9.
„Се работи на отстранување на грешки кај овие апликации со цел надминување на проблемот“, се вели во соопштението на Apple.
Исто така е откриена и грешка во iOS 17 што влијае кај некои корисници и се планира да се објави софтверско ажурирање за да се реши проблемот.
Покрај тоа, Apple изјави дека уредот може да се чувствува потопол во текот на првите неколку дена по ажурирањето или поставувањето поради „зголемената активност во позадина“.
Apple ги предупредува корисниците дека уредот може да се загрее при правење на резервна копија, проследување видео со висок квалитет и безжично полнење.
„Овие услови се нормални, а вашиот уред ќе се врати на редовна температура кога ќе заврши процесот или кога ќе ја завршите вашата активност“, наведува компанијата на веб-страницата. „Ако вашиот уред не прикажува предупредување за температура, можете да продолжите да го користите уредот“.
Веста доаѓа бидејќи побарувачката за iPhone 15 изгледа доста голема. Времето на испорака е поместено кон крајот на октомври до средината на ноември за различни модели.
Новите iPhone-и доаѓаат откако Apple објави во август дека продажбата паднала трет последователен квартал. Приходите од iPhone достигнаа 39,7 милијарди долари за третиот квартал, што бележи пад од приближно 2% од година во година, бидејќи корисниците поретко ги ажурираат своите уреди.
Но, според проценките околу 250 милиони iPhone-и не се надградени повеќе од четири години. Напредокот на процесорот, камерата и системот за полнење, заедно со попустите од мобилните оператори, би можеле да бидат повеќе од доволна причина за корисниците конечно да се надградат оваа година.
Add comment